Интервју

Од експерт до лидер: Како да се справиме со трансизицијта кон лидерска улога

From Expert to Empowerer: Navigating the Identity Shift

Транзицијата од индивидуален придонесувач во лидерска улога е една од најдлабоките професионални трансформации. За Ивана Дојчиновска Стојановиќ, тоа не беше само нова титула, туку суштинска промена во начинот на кој се гледа себеси и своето влијание врз другите.

Во ова интервју, таа отворено зборува за „ефектот на огледало“ во лидерството, за предизвикот да се надмине експертското его и за тоа зошто најсилната алатка на лидерот не е одговорот, туку прашањето.

Куќа на огледала – кога лидерството станува личен раст

„Мојата најстрмна крива на раст се случи кога влегов во менаџерска улога“, споделува Ивана. Дотогаш, како вработена, нејзиниот менаџер бил единственото „огледало“. Повратните информации биле директни, а фокусот јасен – резултати и совршенство во сопствениот занает.

Со лидерството, сликата целосно се менува.

„Одеднаш, како да стоиш пред повеќе огледала истовремено. Сè што правиш станува видливо – секој збор, секоја одлука, секоја реакција. Повеќе не се работи само за резултатите, туку и за начинот на кој се постигнуваат.“

Лидерството, според неа, ја одзема можноста да се скриеш зад техничката експертиза. Те соочува со сопствените навики, стравови и „автоматски„ одговори. Денес го доживува како континуиран процес на градење самосвест и преземање радикална одговорност.

Стапицата на „експертот“ – ослободување од старата улога

Најголемиот предизвик за новите лидери, вели Ивана, е прифаќањето дека мора да се откажат од улогата во која биле најдобри. Мнозинството се унапредени токму затоа што биле врвни, продуктивни експерти. Природно е да се обидат истата „поправувачка“ енергија да ја внесат и во лидерството.

Така паѓаат во замката да го контролираат секој детал, останувајќи заглавени помеѓу две улоги. Резултатот е преоптоварен лидер, демотивиран тим и постојано чувство дека нешто не функционира.

„Првите месеци во лидерството не се за учење нови техники“, објаснува таа. „Тие се за промена на идентитетот – од „Јас извршувам“ кон „Јас охрабрувам“.

Митот за „сезнаечкиот“ лидер

Едно од најштетните уверувања е дека лидерот мора да ги има сите одговори и да знае повеќе од сите други. Тоа создава огромен притисок и често води кон лажна самоувереност или изолирани одлуки, само за да не се покаже слабост.

„Лидерството не е да бидеш најпаметниот во просторијата. Тоа е да создадеш простор другите да размислуваат, да преземат одговорност и да растат.“

Кога лидерот се обидува да знае сè, тимот престанува да размислува. Вистинската моќ не е во одговорите, туку во квалитетот на прашањата што се поставуваат.

Водење без титула – влијание во рамни структури

Лидерството не започнува со унапредување, туку со однесување. Во рамни организациски структури, каде хиерархијата е помалку изразена, влијанието се гради преку кредибилитет и доследна акција.

Според Ивана, лидерството „без титула“ најјасно се гледа кога работите ќе тргнат наопаку. Додека некои чекаат насока, природниот лидер презема иницијатива.

Како да се води од која било позиција:

  • Преземете одговорност. Насочете се кон решенија, не само кон проблеми.
  • Бидете точка на стабилност. Донесете јасност и смиреност во неизвесност.
  • Градете доверба. Поврзувајте ги луѓето и поттикнувајте соработка.

„Овој вид лидерство прво го препознава тимот“, заклучува Ивана, „а потоа и организацијата.

Оригинално објавено на womenintech.mk blog

Погледнете ги сите блог објави

Share This :